16.11.12

Преплет - креативно студио:

Друга работа за која што сакав да се пофалам денес е исто така отворањето на креативното студио "Преплет". Доколку ги следите Пастелните Утра од почеток, одприлика може и да знаете за што станува збор, но како и да е, еве сега ќе зборувам малку повеќе за тоа.
 "Преплет" како група која ја сочинуваме јас и Магдалена, постои уште од 2009 г., кога земавме учество на неколку барази и една изложба на Европско ниво (Biennial of Young Artists from Europe and the Mediterranean), претставувајќи го нашиот рачно изработен плетен накит. Активностите околу Преплет иако ни создаваа огромна сатисфакција, сепак активностите околу студиите направија Преплет да паузира некое време. Сега, откако почувствувавме потреба дека Преплет треба повторно да се активира и дека нашата инспирација ќе успееме да ја каналилизираме преку него, решивме да започнеме еден нов почетек. Вчера официјално го отворивме нашето (сега засега) виртуелно креативно студио и нашата приказна веќе започна да се пишува.
 Сеуште нема да ви откријам што се ќе можете да најдете во Преплет, ама бидете сигурни дека тоа ќе бидат работи кои ќе ви го направат денот поубав. Затоа, би ви биле благодарни доколку не поддржите на нашата страна на фејзбук страна - "Преплет" и ја споделите. Сега уживајте во остатокот од денот и имајте убав преплет од настани! ;)

Мои статии на "Урбан Живот":

 Здраво на сите! После моето неколкудневно патување, еве ме пак на моето место.
Во овој пост со задоволство можам да се пофалам дека имам неколку убави новости како за мене така и за овој блог. Доколку сте љубопитни да дознаете за најновите стилови за уредување на домот, кои се моменталните трендови и како можете да употребувате, одсега моите статии можете да ги читате и на "Урбан Живот".
Мојата прва статија е за стилот на домот на познатиот дизајнер Еро Арнио (Eero Aarnio). Ова се дел од фотографиите како изгледа неговиот приватен и работен простор, а повеќе можете да прочитате на самиот блог на "Урбан Живот". За секој мој пост ќе ве потсетувам и тука на "Пастелните Утра" и мене би ми било навистина мило доколку ме следите и таму. :)

5.11.12

Сценографија за модна фото сесија:

 По повод претставувањето на новата колекција на Ирина Тошева на "Fashion Weekend"-от кој се одржа минатиот викенд во Скопје, работев на една многу интересна сценографија за нејзината фото сесија. Презентирајќи ги нејзините црно-бели парчиња надополнувајќи ги со егзоточни пердуви, Ирина се согласи дека сценографијата треба да претставува суптилно надополнување на амбиентот, без да одзема многу внимание.
 Поради белата позадина, декорациите што ги направив беа исто така во бела боја, со што создаваа мали сенки и тродимензионалност на просторот. Истите декорации ги надополнив со црни пердуви, а во аголот поставив една птица (која ја направив од хартија и пердиви) за да изгледа како случајно да пролетала и ги оставила своите акценти и во сценографијата и во колекцијата која што се презентира.



Целиот тим кој што работеше на оваа фото сесија е:

clothes: Irina Tosheva
make up: Viktor Mircevski
hair: Darko Petkovski ( Studio Allure )
shoes: SAGA SHOES
set design: Viktorija Langovska
photo: Andrej Agovski
models: Ana Ezova and Zorana Milevska

27.10.12

Работилници за рачни изработки:


Хеј, хеј, хеј!!! За сите вас, креативни души, па и за оние што досега мислеле дека не се, добредојдени сте на работилниците кои што ќе следуваат за да го докажеме спротивното.
Од денес имате можност да се запишете на работилниците за рачни изработки кои што со задоволство ќе ги водам јас - Викторија Ланговска.
Доколку ги следите пастелните утра од порано, знаете дека беа место каде што се презентираа многу рачно изработени предмети со инструкции како да го направите истото сами. Сега, ќе имате можност заедно со дружење и желба, да изучуваме многу трикчиња од кои се прават чуда. Со овие работилници би сакала да ви ги откријам малите тајни на широките креативни очи. 

На фотографиите можете да видите една мала ретроспектива на дел од поедноставните работи кои што ви ги имав презентирано порано. Тука се: ограничувачот за книга направен од стапчиња за сладолед, рамката за слика направена од дрвени штипки, зимската шоља направена од стари ракавици, бувот од тетрапак сокови и сл.
На работилниците ќе се изучуваат лесни техники и ќе се употребуваат материјали кои што секојдневно не опкружуваат. Темите кои што ќе бидат опфатени ќе се бираат во зависност од времето, месецот, празниците кои што следуваат и слично.
Она што е најважно да се знае е тоа што работилнииците ќе се одржуваат два пати неделно и ќе траат од ноември до мај. Секој месец ќе се изучуваат различни дизајни и техники, почнувајќи од поедноставните, завршувајќи со покомплексните. На крајот од школската година ќе биде организирана изложба каде што ќе се презентираат сите направени дела.
 
 Местото на кое што ќе се одржуваат часовите е средното училиште "International High School", a месечната чланарина изнесува 1200 денари.
Добредојдени сте сите, на ова возбудливо патување, а со себе понесете си само две три монистри и креативност :)
Доколку имате некои дополнителни прашања, слободно можете да ме контактирате тука на блогот или на viktorijalang@gmail.com
Имајте убав ден и се гледаме!


26.10.12

Редизајнирани лустери #2:

 Ова е вториот дел од редизајнираните лустери. Во претходниот пост ви го презентирав начинот на фарбање на кованото железо и порцеланот, а сега ви ги претставувам деталите.
Со црвениот лустер сакав да постигнам дизајн на живи и оптимистични форми и поради тоа ја употребив оваа нијанса на плави монистри. Овој лустер може да се користи за некои интерактивни простории во кој што владеат повеќе бои, каде што често доаѓаат луѓе, каде што константно се одвива некое дејствие и сл.

 Другиот лустер го накитив со помалку, но полуксузни црни камења, затоа што самата боја ја диктира отменоста и сериозноста со која што зрачи. Овој лустер е наменет за полуксузни домови, холови, пространи соби, ходници и сл. Ми се свиѓаше коментарот на една моја другарка Јана која е воедно и глумица, дека лустерот и одговара за луксузна гримиорна, која искрено се надева дека во иднина ќе ја има. :)
На секого му одговара различен стил според карактерот и според местото кое што го има. Дали некој од овие лустери се вклопува во вашиот стил и за во која просторија би го употребиле?

17.10.12

Редизајн на лустери:

 Ме немаше некое време, знам. Ама сега сум тука, и деновиве ќе ви презентирам интересни "направи сам"проектчиња  што ги експериментирав јас. На фотографиите ги гледате веке познатите лустери што ако не сте ги имале дома, сигурно ги имате кај бабите, а ако не се ни таму, сигурно се по подрумите... Е овие лустери се повторно модерни за користење во ентериерите, но во малку редизајнирана форма. Јас уште првиот момент кога ги видив овие лустери, одма знаев што сакам да им направам. Првиот чекор беше да се извадат чашките на страна и да не се користат воопшто, потоа следуваше процесот на отштрафување на металниот механизам кој што беше прицврстен на фасонките и служеше да ги држи стаклените чашки. Откога ги завршив овие подготовки, следуваше најинтересниот дел - фарбањето.
 Фарбањрто го правев со боја во спреј, но зашто постоеше опасност порцеланските делови лесно да се лупат и гребат, убаво ги пребарав маркетите и најдов боја подлога која што се користи во вакви случаи. Тоа е исто така спреј и на него пишува дека е подлога за пластични и секакви други мазни површини на кои тешко се налепуваат бои. Така, првата рака на фарбање беше со таа подлога, а потоа со црната и црвената. Начинот на прскање е исто така специфичен за вакви заоблени површини. Секогаш внимавајте затоа што треба да се шприца од далеку и по многу малку, во друг случај  бојата би се лизгала и би ви течела надоле по мазните делови.


Вака испадна мојот прв дел од редизајнирањето на ове лустери. Инаку, уште не се целосно завршени, во потрага сум по соодветни монистри кои ќе се закачат и ќе ги красат моите најнови парчиња во атељето.
Сеага за сега вака изгледаат, и да слушнам? Кој повеќе ви се допаѓа, црвениот или црниот? :)

13.9.12

Мое интервју во магазинот "Теа Модерна":

 Пред некој ден, ненадејно добив меил од една новинарка (Анита Златкова) од магазинот "Теа Модерна" за покана како соговорник во нејзината рубрика "Вешти Рацe". Јас со задоволство прифатив, ги поканив во моето хаосно атеље, фотографираа, јас раскажував :) ... и така, можете да ме прочитате во новиот број кој што излезе во продажба вчера.


Сценографија за детска претстава: #4

 После мал викендашки одмор, се вратив на работа за третата слика од сценографијата. Тука е претставена "Иднината" каде што се е сино... Различни урбани предмети се прелеваат во пејсажи, море, небо...се е нереално и по малку замаглено... Вака јас ја претставив иднината за да биде лесно сфатлива за очите на малите деца...


6.9.12

Сценографија за детска претстава: #3

 "Ноќната Палата" e втората сцена која што целосно ја финализирав вчера. Тука акцентот е насочен кон вратите односно портите, бидејќи за нив се зборува во приказната.
Подоле можете да го видите процесот и принципот на кој што ја работев оваа сцена. Како во првата така и во оваа сцена употребив малку тродимензионалност во штитовите на стражарите и со тоа го одвоив предниот план со позадината.

 Мустаќите за двајцата стражари ги правев одделно, со каширање на памучен конец, а потоа ги обоив со флоросцентна боја. Ми стана интересно со мустаќите, па си направив два пара плус за мене :)

Се надевам ви се допадна и оваа сцена. Се гледаме во театар!

5.9.12

Сценографија за детска претстава: #2

 Претставата се состои од четири сцени или често ги нарекуваат слики, што во превод значи четири амбиенти кои што треба да се доловат во согласност со дејствието.
Режисерот на оваа претстава Игор Ивковиќ имаше замисла оваа претстава да се игра на UV светло, а сцените да се цртаат со флуоросцентни бои. Поради ваквата одлука за претставата, бев многу ограничена со нијансите на бои и нивното распоредување на платното. Овие флуоросцентни бои е толку тешко да ги најдеш кај нас, во Скопје што е навистина чудо, а посебен е проблемот со плавата боја. Не ми е сеуште јасно, зошто, но плавата боја никаде ја нема. На некои места за бои и лакови можат да се сретнат флоросцентни спрејови ама бои само во една продавница најдовме.
И така, да не должам, мојот материјал за работа се сведе на 4 бои (жолта и зелена кои се многу слични, портокалова и розева). Незнам како ама се најдоа и 2 спреј шишиња со плава боја.
И така со овие бои, започна мојата авантура на новиот проект...


 Во улога на откачениот сликар! :)
Ова е првата сликана сцена или првиот амбиент во претставата. Се надевам ви се допаѓа и ќе дојдете кога ќе се игра, за да можете да ја видите целосно, пропратена со приказна.