10.9.10

Замислете си дека живеете во зграда која се наоѓа во самиот центар од градот. Гледа на главната улица која е секој пат преполна со пешаци и возила. Навечер кога почнуваат да се палат канделабрите станот во кој што престојувате вие се осветлува со блага жолта светлина и од прозорецот ги гледате сите светилки од фаровите на автомобилите како милион точки кои трепкаат непрекинато.
Вашата дневна просторија е со големи прозорци кои имаат завеси собрани до половина. До нив се наоѓа една долгнавеста фотеља во бела боја. До неа една мала масичка на која можете да го оставите пијалокот додека седите во полулежечка положба и ги гледате фигурите во движење кои се случуваат од другата страна на улицата. Остатокот од просторијата е со мебел во темно зелена, виолетова и црна боја. На подот газите на две големи черги во кружна форма. Имате поставено една мала, удобна, кремаста софа пред телевизорот, до неа хартиена подна лампа и уживате додека ја гледате вашата омилена емисија. Потоа одите до другиот дел на просторијата каде што ви стои работното биро. Таму се наоѓаат три полици, во истите три бои (зелена, виолетова и црна). На нив се наредени папки и материјали за работа. Земате една од папките и се враќате кај вашата софа. Овој пат не седнувате на неа, туку пред неа, на подот зад малата масичка. Почнувате да читате, подвлекувате и бележите на вашите материјали, а наредниот ден се впуштате во градскиот метеж и уживате во секој ден!


No comments:

Post a Comment